24АНАЛИЗА: Од нашите „деца“ треба да бараме мир во играта

Во ваква ситуација каква што е нашата репрезентација последните 2 големи натпреварувања и од мојата сегашна позиција многу ми е тешко нешто да „анализирам“, советувам…Меѓутоа мислам дека секој од нас треба да даде свој придонес за развој на ракометот и спортот генерално, и со свое гледиште да биде само плус за оваа репрезентација пред која е навистина тежок испит, а тоа е Франција.

Нема многу потреба да се трошат зборови за силата и големината на Франција, меѓутоа мора да се напомене дека она што може ние да го играме и бараме од нашите “деца” е пред се мир во играта. Стабилност без многу технички грешки и трпение, за да не ја доведеме Франција во позиција да трча полуконтра што мислам дека би било еднакво на „самоубиство“.

Франција е фаворит, меѓутоа позитивен е фактот што репрезентацијата на Франција на речиси сите почетни натпревари на големите турнири почнува доста мирно и тактички ја темпира својата форма за завршницата каде играат на речиси сите европски или светски првенства. А ова е почеток.

Моето размислување оди во тој правец, и кога се ќе се собере и одземе мислам дека и натпреварот кој ќе се игра пред повеке од 50.000 публика, и фактот што играме против Франција треба само да биде еден мотив плус за секој поединечно и за цела репрезентација како колектив.

Селекторот веќе е на трето големо натпреварување како предводник од клупата и сигурен сум дека ќе биде над своето ниво и конечно ќе може да го покаже својот квалитет и да биде само додадена вредност за оваа репрезентација.

Секогаш почетоците се најтешки, па затоа сите мораме денеска да им дадеме максимална подрршка затоа што без разлика на се тие се нашата гордост.

Со среќа момци и главата горе!!

*Борко Ристовски е поранешен македонски репрезентативец, кој сега ја извршува функцијата извршен директор во Вардар. Чуварот на мрежата бранеше за Вардар, Металург, Maкедонија и Југ, а на меѓународна сцена го бранеше голот на големата Барселона, на бундеслигашите Гумерсбах, Лемго и Рајн Некар Левен, беше дел од шпанските Теукро и Алгесирас, францускиот Кретеј, португалската Бенфика…За македонската репрезентација настапи на многу големи натпреварувања, а беше дел и од најголемиот успех на ЕП 2012 во Србија.