100 дена до СП: Промовирана топката за Мундијалот во Полска и Шведска

Светската ракометна федерација и јапонската компанија Молтен ја промовираа топката со која ќе се играат натпреварите на претстојниот Мундијал во Полска и Шведска.

На 100 дена до СП беше откриен дизајнот на топката со која меѓу другите ќе играат и македонските репрезентативци.

Топката X5000, која е официјална топка на сите натпревари под капата на ИХФ, во дизајнот ги има националните бои на двата домаќини на Мундијалот – од едната страна црвената и белата боја на Полска, додека од другата се жолтата и сината на Шведска.

„Топката се одликува со врвен материјал за покривање кој обезбедува исклучителен стисок, подобрена контрола и прецизност, што ја прави идеален избор за највисоко ниво на натпреварување. Конструкцијата од мека пена овозможува подобро држење, подобрувајќи го квалитетот на играта“, се вели во објавата на ИХФ.

Мундијалот ќе се игра во Полска и Шведска од 11 до 29 јануари, а Македонија е во група со Холандија, Аргентина и Норвешка.