Необични сцени ја одбележаа пресметката од норвешката лига меѓу Фоло и Берген. Кратко пред крајот на првото полувреме, ракометарот на гостите Николај Далинг скокна преку рекламните паноа и му го грабна мегафонот од рацете на еден домашен навивач.
Инцидентот предизвика прекин на натпреварот и стана хит на социјалните мрежи. Берген и покрај турбуленциите славеше со 29:27, а по мечот двата клуба излегоа со различни толкувања.
Домашниот Фоло објави дека станува збор за „неспортски и неприфатлив потег“ и најави пријава до ракометната федерација. Според нивните информации, навредите кон Далинг биле од спортска природа, а не лични напади.
Од друга страна, Берген го поддржа својот играч и најави дека ќе се чека одлука од федерацијата. Далинг во изјава за ТВ2 откри дека цело полувреме бил навредуван лично
„Во секој напад слушав колку сум грд, како изгледам, дека сум ‘изрод’. Таквите коментари немаат место во спортот.“
Неговиот тренер Фредрик Тене го потврди исказот на Далинг.
„Играчот беше провоциран и понижен од трибините. Тоа е жално и разочарувачки“
Тренерот на Фоло, Лукас Карлсон, се согласи дека дел од скандирањата биле премногу, но истовремено го осуди потегот на Далинг.
„Како врвен спортист мора да издржиш и да не реагираш вака. Никој не смета дека е прифатливо да скокнеш меѓу навивачи.“
Федерацијата на Норвешка ќе го истражува случајот, а можно е да следуваат санкции и за играчот и за клубовите.

























