Ќе ја заврши битолската авантура со неколку одиграни минути – Ратајец може да си бара нов клуб?!

Словенечкиот интернационалец Анже Ратајец, кој беше донесен од австрискиот Ферлах во Еурофарм Пелистер како големо засилување, најверојатно ќе си замине од клубот по една (не)одиграна сезона.

Хрватскиот тренер Жељко Бабиќ сака да работи со ограничен број на ракометари, а со оглед на тоа што клубот нема да игра на домашно тло, туку само на меѓународно до март следната година, Ратајец ќе мора да си бара нова средина. Неговата позиција ќе ја пополнат Марио Танкоски и Јосип Периќ.

Тој потпиша договор на две сезони, но втората најверојатно нема да ја започне во Битола. Средниот бек имаше мала минутажа на три меча на турнирот во Струга лани летоска, по што мораше на операција на коленото, која ја влечел од поодамна.

По успешниот период на рехабилитација, тој се врати на тренинзите зимава во битолскиот клуб, но не успеа да се избори за место во тимот. За Лигата на шампионите клубот не го ни пријави, додека во СЕХА беше во ростерот само на двата меча против Нексе Нашице, а дебито на официјален меч го имаше на дуелот во Битола, но одигра само неколку минути и заработи едно исклучување.

Клубот досега ги продолжи договорите со Ѓукиќ, Вегар, Кукоски, Граџан и Стјепановиќ, активни договори имаат Маџовски, Ојлески, Радовиќ, Маркоски, Велковски, Чаневски, заминаа Јотиќ, Остроушко и Шевелев, додека Петровски ја заврши кариерата.

Се очекува разврската со продолжувањето на договорот со голманот Митревски, а во следните денови ќе биде позната и иднината на Трајкоски, Кузманоски и Чурлевски. Нови играчи се Кукуловски, Мараш, Танкоски и Периќ, а можно е да биде донесен уште еден лев бек и пивотмен.