Ќе се руши рекорд – 50.000 гледачи на првиот натпревар на ЕП!

Ракометната федерација на Германија во текот на денешниот ден објави во кои сали ќе се игра Европското ракометно првенство во 2024 година.

Германија активно се подготвува за првенството, иако до почетокот има уште три години. Домаќинот подготвува спектакуларно отворање, но и голема посетеност за време на сите натпревари. Градовите Келн, Дизелдорф, Берлин, Минхен, Хамбург и Манхајм ќе бидат домаќини на ЕП

Очекувано, финалето ќе се одржи во популарниот град на ракометот, Келн. Во Келн домаќин ќе биде „Ланксес Арена“ која има капацитет до 20.000 посетители.

Отварањето на првенството ќе биде на „Меркур Шпил Арената“ во Дизелдорф. Повеќе од 50.000 гледачи ќе можат да го проследат првиот меч на ЕП, на кој ќе игра Германија.

Првенството ќе се игра и во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин која за ракометни натпревари има капацитет до 14.800 посетители. Домаќин ќе биде и Минхен, а натпреварите ќе се играат во „Гарден Арена“ со капацитет до 11.500 посетители.

Останатите натпревари ќе се играат во Хамбург, а домаќин ќе биде „Барклејкард Арена“ (13.300 посетители) и во Манхајм во „САП Арена“ (13.200 посетители).

Европското првенство во 2024 година е предвидено да започне на 12 јануари, а да заврши на 28 јануари.