Ќе има Чкембари во Охрид: На Широк Сокак утре ќе се продаваат билети за Суперкупот

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер ги извести своите фанови дека в сабота на 10 септември од 12:00 до 16.00 часот на специјализиран штанд пред аптеката Еурофарм на Широк сокак ќе врши продажба на билетите за натпреварот против Вардар во рамки од Суперкупот.

Избраниците на Ларс Валтер на 11 септември во Охрид ќе ја бранат освоената титула во Суперкупот од минатата сезона и ќе дадат сѐ од себе повторно да бидат подобри од актуелниот македонски шампион.

Цената на билетот е 200 денари. Регуларната продажба во Охрид продолжува и ќе се врши секој ден на билетарата во спортската сала „Билјанини Извори“, во периодот од 18:00 до 20:00 часот. Бројот на влезниците е ограничен.

Во ланскиот Суперкуп, кој беше одиграно во Скопје, битолскиот тим славеше против „црвено-црните“ со 31-22, но и двете екипи во однос на минатата сезона направија голем број на промени.

Натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар започнува во 20:00 часот, а вратите во спортската сала „Билјанини Извори“ ќе бидат затворени во 19:30 часот.