Јуниор Кисела Вода остана без странското засилување за градското дерби со Алкалоид

Градското дерби од машката Прва лига меѓу Јуниор Кисела Вода и Алкалоид, уште неодиграно привлекува внимание по изјавите на домашниот клуб дека пет дена чекале од федерацијата да биде регистриран нивниот нов играч Никола Митровиќ кој се надевале дека ќе настапи утре. Но, тој веројатно мечот ќе го гледа од трибините. Средбата Меѓу моментно првопласираниот Алкалоид и третопласираниот Јуниор Кисела Вода е закажана за утре (18 ч,) во салата во ОУ „Круме Кепески“ во Скопје.

Според информациите од клубот домаќин, дури денеска биле добиени потребните документи за плаќање на потребните сертификати, но после 15 часот, па дури и да се изврши плаќањето играчот веројатно нема да добие право за играње, зошто парите на сметката ќе „легнат“ дури во понеделник.

Тимот од Кисела Вода, за овој меч сакаше да го регистрира десниот бек Никола Митровиќ кој доаѓа од Трст, а има настапувано и за екипите на Партизан, Ц.Звезда, Ловќен, како и во екипи од Катар, Грција.
Од раководството на клубот велат дека веќе две недели ракометарот тренира со нив, а изминатава недела се обидуваат да го регистрираат, но комуникацијата со канцеларијата на Ракометната федерација не им одела најдобро.

„Веќе две недели во редовите на Јуниор има странски играч, за кој во понеделникот е поднесено барање во РФМ за да добие лиценца за настап. Како клуб сè уште немаме никаква информација за негово лиценцирање, иако вообичаено тоа е постапка која се завршува за два дена. Досега не сме имале никаков проблем. Наша цел беше да се засилиме во пресрет на дуелите со Алкалоид и Голден Арт кои се наши ривали за врвот. Сметам дека се фаворити, но сакавме да бидеме поконкурентни во натпреварите со нив. По пет поминати дена сè уште чекаме реализација на лиценцата и неажурноста на канцеларијата на Федерацијата ќе биде причина да се чувствуваме оштетени во пресрет на утрешниот дуел со Алкалоид, но и за натпреварите во иднина“, вели претседателот на Кисела Вода Јуниор, Ристо Чокрев.

Побаравме одговор од РФМ, дали навистина се чекало пет дена за реалиизрање на овој трансфер.

„Во врска со конкретното прашање Ве известуваме дека фактурите за плаќање на надоместоци за таксите за трансфер се доставени до Ракометниот клуб Јуниор К.В, останува да се комплетира постапката за регистрација и лиценцирање на ракометарот согласно Регистрациониот правилник на Ракометната Федерација на Македонија“

Од канцеларијата на федерацијата, ја објаснуваат и процедурата за трансфер и во целост ви ја пренесуваме:

„Постапката е пропишана од страна на Меѓународната ракометна Федерација:

  • Откако ракометниот клуб ќе го достави пополнетиот формулар за барање на трансфер, РФМ ја покренува постапката за процесуирање на трансферот;
  • РФМ го процесира барањето за интернационален трансфер до EHF, EHF по добивањето на повратна информација за статусот на ракометарот/ката од матичната федерација на ракометарот/ката издаваат фактури за плаќање на надоместоците за таксите согласно регулативата на IHF за трансфер на ракометари помеѓу федерации,
  • По приемот на фактурите за плаќање на надоместоците за трансфер на играчи, клубот извршува уплата за Федерацијата од која доаѓа играчот и EHF ,
  • Ракометниот клуб, по извршената уплата во странство, треба да достави до РФМ потврда за девизна уплата (SWIFT од банката), истата се доставува до EHF,
  • По разгледување на плаќањата од страна на ЕХФ и матичната федерација на ракометарот/ката, матичната федерација го потврдува ослободувањето на ракометарот/ката до ЕХФ,
  • По ослободувањето на матичната федерација ЕХФ го потврдува ослободувањето на ракометарот/ката и издава сертификат преку EHF/IHF трансфер платформата.

По добивањето на трансфер сертификатот од матичната националната федерација од која потекнува играчот и потврдениот сертификат од EHF (IHF), согласно регистрациониот правилник на РФМ ракометниот клуб потребно е да ја достави и следната документација:

  • Своерачно потпишана пријава за регистрација,
  • Фотокопија од извод од матична книга на родени,
  • Две фотографии со големина 3×4 cm. Не постари од 6 месеци,
  • Барање на клубот за регистрација (молба-пристапница),
  • Потврда за лекарски преглед  од доктор специјалист по спортска медицина дека ракометарот/ката е способен за тренинг и спортски натпревари.

Согласно роковите во правилниците на РФМ односно согласно регистрациониот правилник и доставените документи од страна на ракометниот клуб РФМ врши регистрација и лиценцирање на играчот“, се вели во објаснувањето на РФМ.