Јуниор КВ ќе дебитира во Супер лига: Да се обезбеди плеј-оф, така сигурно има и опстанок

Меѓу екипите кои во новата сезона добија место во Супер лигата се најде и составот на Јуниор Кисела Вода кој ќе се обиде да парира на тимовите кои веќе имаат поголемо искуство со настап во најсилната лига. Тимот на Јуниор Кисела вода беше третопласиран во својата група при прекинот на првенството, па така стекна право да игра во Супер лигата каде ќе играат вкупно 14 екипи во првиот дел од сезоната.

Ова е остварување на целта за овој тим кој три сезони играше во Првата лига, а две години по ред за малку не успеваше да направи чекор напред и да дојде до место меѓу најдобрите.

„Влеговме во Супер лигата и тоа е остварување на нашите амбиции кои беа зацртани од пред стартот на сезоната. Иако финишот на сезоната не го дочекавме на терен, сепак, нашите планови беа јасни. Ние целевме кон тоа да се пласираме во Супер лигата и затоа и се засиливме и донесовме ракометар од Србија. Ова го планиравме и драго ми е што успеавме да ја исполниме целта и следната сезона да играме во Супер лигата“, вели тренерот на Јуниор Кисела вода, Благојче Весиќ.

Тој останува дел од овој тим и е биде прв тренер на екипата која во новата сезона ќе се соочи со многу поголем предизвик од оној кој го имаше во минатите три години.

„Уште е рано да се зборува што и како ќе биде во новата сезона, но јасно е дека нашата цел ќе биде да се избориме за опстанок. Целиме кон тоа да дојдеме до пласман во плеј-офот што би значел сигурен опстанок бидејќи по три екипи од двете групи би требало да се пласираат во плеј-офот. За да го направиме тоа мораме да бидеме на ниво на екипите кои сезонава играа во плеј-офот или беа веднаш до него. Мораме да бидеме на нивото на Пролет, Радовиш… Ќе биде тешко, но ќе се обидеме“.

Играчкиот кадар сигурно ќе претрпи корекции односно ќе има засилувања иако е јасно дека тешко ќе може да се донесат поголем број на играчи.

„Во преговори сме со неколку ракометари. Рано е да се зборува со кои од нив би можеле до договор, но има неколку потенцијални засилувања. Поголемиот дел од ракометарите кои и лани играа ќе останат во екипата така што ќе нема премногу промени“.

Екипата ќе го крене и нивото на организација бидејќи се работи за чекор понапред и ќе мора да се оди далеку подобро.

„Овој клуб е предводен од Ристо Чокрев, а тој зад себе има огромно искуство со оглед на тоа што знае како е да се води тим и во Лигата на шампионите. Тоа искуство сигурно ќе помогне да се кренеме на едно повисоко ниво и на организациски план и сигурно ќе бидеме уште подобри и во овој дел. Инаку, продолжуваме со игрите во салата во училиштето ‘Круме Кепески’ и останува поддршката од општината и одредени компании“, коментираше тренерот на тимот на Јуниор Кисела вода, Благојче Весиќ.

Екипата на Јуниор Кисела вода во минатите две години успеваше да биде на чекор од пласман во баражот за пласман во Супер лигата, но не успеваше така што во третиот обид успеа да дојде до остварувањето на целта каде што ќе треба да се одработи далеку подобро во новата сезона за да може и да се задржи суперлигашкиот статус.