Јехона го совлада Текстилец и остана во игра за плеј-оф!

Екипата на Јехона, која во минатата сезона играше во плеј-оф фазата од прволигашкото друштво, денес пред својата публика оствари сигурна победа против Текстилец од Штип, со резултат 27:24, во натпревар од 12. коло од групата А.

Јехона сега има 12 бодови, три помалку од Текстилец, кој со 15 бода се наоѓа на 5. позиција, која носи пласман во плеј-оф фазата од Првата лига.

Тимот на Фери Селмани од самиот старт го најави триумфот и со предноста од 6:2 во воведниот дел му даде до знаење на противникот дека тешко ќе може да се надева на позитивен резултат. Првиот дел мина во нерамноправна борба, со сигурна игра на домаќините, додека гостите тешко доаѓаа во позиција за гол.

Јехона во 20 минута дојде до водство од 10:4 и веќе во тој момент беше јасно дека гостите ќе треба да го дадат последниот атом од силите доколку сакаат да дојдат до бодови. Како одминуваше времето Текстилец фаќаше приклучок, но не успеваше целосно да се врати во игра. Резултатот на полувреме беше 13:9 во корист за домаќините.

Текстилец на почетокот од продолжението влезе во криза и ги зголеми техничките грешки. Домаќинот го искористи кризниот период во гостинскиот табор и со неколку лесни голови стигна до седум позитива, 22:15. Во последниот период гостинот се обидуваше да се доближи, намали на 22:19, но Јехона на пет минути пред крајот повторно се одлепи на шест гола разлика (26:20) и дозволи Текстилец само да го ублажи поразот.

Најефикасни во победничката екипа беа Виктор Марковиќ, Филип Илиески и Мојсие Тасески со по шест погодоци. Листата на стрелци во поразениот табор беше предводена од Стојанче Ристов со девет гола.