Ѓорѓиев: Повикот беше изненадување за мене, ова е нов предизвик што бара голема одговорност

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кире Лазаров, на скратениот список од 23 ракометари за престојните натпревари против Данска во рамките на квалификациите за Европското првенство 2022 година реши шанса да му даде на младиот ракометар од Голден Арт КЛ7, Игор Ѓорѓиев.

Игор Ѓорѓиев и неговиот соиграч од клубот, Емилијан Ѓорговски, се новите млади лица во сениорскиот табор. Струмичанецот во разговор за 24Ракомет, вели дека повикот за него бил големо изненадување, но дека во нашата земја има доста млади и перспективни ракометари. Како нов репрезентативец на скратениот список секоја дадена шанса максимално ќе ја искористи за оправдување на довербата од страна на стучниот штаб.

„Кога видов дека сум повикан на поширокиот список за сениорската репрезентација на Македонија се почуствував многу среќно и гордо. Во Македонија има доста млади и перспективни ракометари, со вистинска посветеност и убеден сум дека нашата земја има ракометна иднина. Самото име на селекторот кажува многу за националниот дрес. Ова беше позитивно изненадување за мене и честа е огромна што сум повикан да го носам националниот дрес. Ќе се обидам да ја оправдам довербата од селекторот. За мене ова е нов предизвик кој бара голема одговорност. Присутна е позитивната трема, нормално. Очекувам добра соработка со селекторот и соиграчите, се разбира и добри резултати”, вели Ѓорѓиев за 24Ракомет.

Ѓорѓиев беше дел на сите собири на кадетската и младинската репрезентација. Учествуваше на Европското кадетско првенство во Грузија и Светското младинско првенство во Скопје. Настапите во овие категории е плус искуство и добра основа за чекор повеќе во неговата кариера, сениорска репрезентација.

„Младинските категории ми дадоа некоја основа како се бранат боите на националниот дрес. Настапите за сениорската репрезентација на Македонија се чекор напред за секој спортист во неговата кариера, така и за мене. Сметам дека сум подготвен да одговорам на овој предизвик”, продолжува Ѓорѓиев.

Иако Голден Арт КЛ7 не обезбеди плеј-оф, младата екипа солидно им парираше на поискусните екипи и одигра квалитетни пријателски натпревари пред почетокот на плеј-аут натпреварувањата за опстанок во Супер лигата.

„Штета што не обезбедивме плеј-оф, покажавме добри игри и дека можеме да се носиме со секој противник од Супер лигата. Ние сме една млада екипа која уште го нема кажано последниот збор, најдоброто од нас допрва доаѓа и со тоа се надеваме дека ќе обезбедиме опстанок во Супер лигата”, заврши Ѓорѓиев.