Ѓорѓиев: Голден Арт има искусни ракометари, натпреварот ќе се решава во финишот

Двете непоразени екипи во досегашниот дел од Првата лига од Групата Б, Алкалоид и Голден Арт, утре ќе го одиграат првиот меѓусебен натпревар.

Еден од главните играчи во составот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев очекува тежок и неизвесен натпревар против директниот ривал за првата позиција на табелата.

„Утре не очекува тежок и неизвесен натпревар против екипа која исто така е непоразена во досегашниот дел од првенството. Во противничката екипа има доста квалитетни и искусни играчи. Натпреварот ќе се решава во самиот финиш, а победата ќе ја добие екипата која ќе влезе помотивирано и со помал број на грешки, како во одбраната, така и во нападот. Целиот наш ростер е на располагање и секој поединец е спремен да го даде својот максимум. Со победа ни се зголемуваат шансите да го осигураме првото место во групата, иако сезоната е долга и има уште многу за играње“, изјави Ѓорѓиев за 24 Ракомет.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Голден Арт ќе се одигра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.