Ѓорѓески: Ова реми му го посветувам на мојот починат татко

Голманот на Металург, Даниел Ѓорѓески бранеше одлично особено во второто полувреме кога собра осум интервенции и успеа да помогне многу за пресвртот и освојување на бодот против Фиверс.

После натпреварот тој го коментираше сето она што се случуваше на теренот, а имаше и доста емоции во неговото излагање бидејќи му оддаде почит и на неговиот татко Сашо Ѓорѓески кој почина откако ја загуби битката со коронавирусот.

„Одигравме добар натпревар после сето она што нѝ се случуваше во последните неколку недели. Седевме во карантин, а потоа ни следуваше збиен распоред во кој секој втор ден играме натпревари. Денеска освоивме голм бод и овој поен го посветувам на мојот татко кој почина пред извесно време“, коментираше Ѓорѓески.

За Металург ова беше прв бод сезонава во третиот одигран натпревар, а за февруари останува да бидат одиграни дури седум средби од кои три одложени од есенскиот дел и уште четири кои се закажани за вториот месец од следната година.