Ѓорче Петров се засили со ракометарка од Металург

Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат и ќе се обиде да го освои Куп трофејот на Македонија.

Нова ракометарка во тимот на Симе Симовски е Јана Грковска, која игра на позиција лево крило. Грковска својата кариера ја започна во школата на Милева Велкова, потоа продолжи во Ѓорче Петров, а последните две сезони ги мина во редовите на Металург.

Грковска беше дел од кадетската и младинска екипа на Металург. Со младинскиот тим од Автокоманда во изминатата сезона го освои првото место на Ф4 турнирот во младинската лига.

Претходно Ѓорче Петров се засили со Емилијана Ризоска од Феникс, Марија Јанкуловска од Пелистер, Теодора Дукоска од Чаир, Исидора Котевска од Деспина Прилеп и Катерина Дамјаноска од Вардар. Договорот со клубот го продолжи Милица Николиќ.

Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.

Освен на домашна сцена, Ѓорче Петров ќе учествува и во Европа, односно во Европскиот Куп каде во второто коло ќе се соочи со исландскиот тим КА Пор.