Штербик: Во Келн нема фаворит, секој може да победи секого

Веспрем ќе настапи на завршниот турнир во Лигата на шампионите и после поразот во финалето од Вардар на последното издание уште еднаш ќе се обиде да дојде до европската титула.

Легендарниот голман Арпад Штербик сега е тренер на голманите на унгарската екипа и во пресрет на Ф4 во Келн за унгарскиот канал „М1“ ги истакна своите очекувања.

„Мислам дека Барселона е фаворит, имаат 20 одлични играчи од кои половинате се репрезентативци на Франција надополнети со хрватски и шпански интернационалци. Ја прележаа епидемијата на коронавирус, немаат повреди и газат сигурно годинава“, рече Штербик.

Годинешното издание на турнирот во Келн ќе биде поразлично од досегашните, ќе го нема вообичаениот метеж, но играчите се фокусирани само на крајната цел, а тоа е европската титула. Веспрем своте ракометари ги тестира скоро секој ден, сите тренираа заедно дури и на Божиќ и максимално се подготвуваат до заминувањето во Келн во недела.

„Лошите натпревари како против Алборг и Ѓенѓеш се вообичаена работа, не гледам ништо лошо тука. Неодамнешните проблеми со коронавирусот го нарушија ритамот и добрата форма на екипата. Сепак се играат два меча за 24 часа, ќе одлучи моменталната форма на екипите и секој може да победи секого. Возбудено го очекуваме полуфиналето и се надеваме на добар настап“, заврши Штербик.

Полуфиналните двојки се Барселона против ПСЖ кои ќе играат во првиот термин од 18 часот, а Веспрем и Кил ќе се борат за финале со почеток во 20:30 часот. Полуфиналињата ќе се играат на 28 декември во понеделник, а финалето се следниот ден на 29 декември.