Шмид најави пензија по ЕП во Германија

Предводникот во репрезентацијата на Швајцарија, Енди Шмид, во интервју за официјалната страна на ракометната швајцарска федерација, зборуваше за неговата кариера, идните планови, како и за неговиот рекорд во репрезентацијата, кој беше поставен пред извесен период.

Пред неколку дена, Шмид против Италија на пријателски дуел го одигра својот 200-ти натпревар за швајцарската репрезентација и ја мина границата од 1000 голови.

Низ историјата, само Марк Баумгартнер има постигнато повеќе гола во репрезентацијата на Швајцарија, 1093, па така многу веројатно е дека Шмид ќе го преземе првото место на листата на стрелци бидејќи сѐ уште ќе игра во националниот тим, но исто така може да го преземе и првото место по бројот на одиграни натпревари. Моментално, тоа место го држи поранешниот репрезентативец на Швајцарија, Макс Шер со 279 настапи.

„Прво и основно, овие бројки покажуваат дека сум прилично стар. Но, исто така, горд сум што и покрај мојата старост сѐ уште можам да бидам дел од репрезентацијата и да играм на толку високо ниво. Сега, на 38 години, радоста од играњето ракомет е непрекината. Тоа што го постигнав јас треба да биде показател и за младите, а тоа е дека може да се игра и во староста. Она што ме прави горд се моите 200 меѓународни натпревари. Тие ми значат повеќе од 1007 гола. Не сакам ни да знам колку пати сум шутирал во гол за да стигнам до таа бројка“, изјави Шмид.

Средниот бек посакува неговата репрезентација да обезбеди пласман на Европското првенство во 2024 година и со учеството на континенталниот собир да ја заврши својата репрезентативна кариера.

„Еден ден ќе завршам со настапот во репрезентацијата. Европското првенство 2024 во Германија може да биде добар крај. Но, прво треба да се квалификуваме за да учествуваме на континенталниот собир. Ќе имаме сериозна задача на есен“, заврши Шмид.

200 натпревари, над 1000 голови за ветеранот Шмид за Швајцарија