Шишкарев се пресели во Веспрем, но Скопје им недостига на синот и сопругата

Ракометарот кој учествуваше во освојувањето на двете круни со Вардар, а беше дел и од турнирот во кој „црвено-црните“ финишираа на 4. место во 2018 година, Данил Шишкарев во оваа сезона настапува за составот на Веспрем.

Во интервјуто кое го даде за „Брз Центар“, Шишкарев вели дека имал проблеми при адаптацијата, но не директно тој туку членовите на неговото семејство.

Очигледно дека Скопје многу повеќе недостига кај неговата сопруга и синот бидејќи тој со секојдневните обврски нема толку време за размислување за друго. Сепак, интересен е коментарот за тоа дека неговиот син побарал да си одат дома после само еден ден.

Сосема јасно е дека после неколку години во Скопје е тешко да се привикне на животот во друга земја, но веќе нема назад бидејќи почнаа игрите во Веспрем и следува тешка сезона.

„Во првите неколку месеци беше многу забележливо дека Скопје ни недостига. Кај мене веројатно се покажа како полесно привикнувањето на животот во Унгарија бидејќи почнаа тренинзите и натпреварите, но кај моето семејство беше поинаку. Сопругата Јулија и синот потешко се навикнуваат. Дојдовме летото порано за да се адаптираме, но после еден ден синот побара да ги спакуваме куферите и да се вратиме дома. Морав да му објаснам дека тука ќе останеме најмалку две години“, вели Шишкарев во интервјуто за „Брз Центар“.

Скопје и Македонија останаа во срцето на повеќето ракометари кои си заминуваа од Вардар и од другите клубови така што ваквите коментари не се никакво изненадување.