Шишкарев: Сакав уште еднаш да го почувствувам адреналинот во „Јане“ и да се простам од навивачите, но…

Еден од играчите кои сигурно го напуштаат Вардар е десното крило Данил Шишкарев. Тој во Скопје мина четири сезони, во кои три пати играше на завршниот турнир во Лигата на шампионите, а два пати успеа да ја освои титулата.

Русинот е нов член на Веспрем и со унгарскиот тим ќе ја продолжи низата настапи на Ф4 во Келн. Тој жали што повеќе нема да заигра за Вардар оваа сезона.

„Мислам дека ЕХФ донесе разумно и мудро решение што ги откажа натпреварите од осминафиналето и четвртфиналето, бидејќи здравјето е на прво место. Но сепак сум тажен, што во оваа сезона нема повеќе да заиграм за Вардар и пред домашната публика во „Јане Сандански“ да го почувствувам тој адреналин. Сакав да го завршам настапот во македонскиот клуб на најубав можен начин и да се простам од навивачите, како што треба. Но се вмеша коронавирусот…“, вели Шишкарев.

Неговиот нов клуб Веспрем ќе игра на завршниот турнир во декември со Кил, ПСЖ и Барселона.

„Имав измешани чувства. Кога се зборуваше дека ќе се игра во август, на тоа се гледаше како неразумно решение за играчите што ќе менуваат клуб на лето. Треба време да се адаптираш на новиот клуб, на тренерските барања и на колективот, а веднаш да играш на важни натпревари не беше баш најдобра варијанта. Одлично е што го преместија Ф4 во декември. Ќе има време да се навикнам на екипата и да се подготвам. Тоа што Веспрем ќе игра на Ф4 го примив како пријатен бонус“, заврши Шишкарев.

Покрај Шишкарев, во Веспрем на лето доаѓаат и голманот Родриго Коралес и десниот бек Хорхе Македа.