Шишкарев: Келн е мистично место, таму постојано се случуваат чуда

Ракометарот кој на крајот од минатата сезона си замина од Вардар и го облече дресот на екипата на Веспрем, Данил Шишкарев во интервју за рускиот „Брз Центар“ зборуваше на повеќе теми меѓу кои главното е за неговиот сегашен тим Веспрем.

Меѓудругото тој коментираше и за својот поранешен клуб, но главното внимание остана на играњето во Келн.

Според десното крило од Русија натпреварите во Келн секогаш носеле изненадувања или како што тој вели постојано се случуваат чуда. За какви чуда зборува може да се види и од неговата изјава во која се потсетува на три од последните четири завршни турнири на кои имаше изненадувања.

„Три години по ред имав шанса за да одам во Келн како дел од Вардар. Мислам дека самото одење на Ф4 турнирот не смее да биде со мислите дека сигурно ќе го освоите трофејот. На тој начин изгореа многу тимови како ПСЖ, Барса, па и Веспрем. Кел е мистично место каде што постојано се случуваат чуда. Земете го предвид кам-бекот на Келце во финалето во 2016 година или победата на Монпелје во 2018 година. Тука се и двете победи на Вардар минатата година. Епилогот секогаш зависи од многу работи. Од совпаѓање на некои околности, комбинација од ситници кои во тие 60 минути стануваат важни. Секако и многу среќа, се разбира“, вели Шишкарев во интервјуто за „Брз Центар“.

Инаку, тој би требало и годинава да игра на Ф4 како играч на Веспрем со оглед на тоа што шампионот на Унгарија има обезбедено пласман. Сепак, останува да се види дали завршниот турнир ќе биде одржан.