Шест Ф4, три финалиња, а титула во ЛШ – нема! Веспрем како да го следи проклетство!

Покрај Металург, Веспрем е втор клуб во кој македонскиот репрезентативец Дејан Манасков најдолго ја минува кариерата. Клубот секогаш цели високо, условите се одлични и најважното тој има добра минутажа, а тоа се причините поради кои тој петта сезона го носи дресот на овој клуб.

Што се однесува до она што е причината што не може да се стигне до титула во Лигата на шампионите, Деки вели – како клубот да го следи проклетство!

„Унгарија можеби е во Европска Унија, но по менталитет, од навивачи до луѓето во клубот се многу слични на нас, како гледаат на работите. Во Германија некогаш ќе победите, некогаш ќе загубите и поразот не се сфаќа толку трагично. Во Веспрем сфаќањата се како кај нас, кога ќе победите сте херои, а кога ќе загубите ве гледаат од косо! Досега минав феноменални четири години, преубаво ми е таму…“ – објаснува македонскиот репрезентативец и додава: „Притисокот во Веспрем за освојување титули секогаш е голем. Но, за да се стигне до една титула треба многу коцки да се вклопат. Некогаш на хартија може ќе имате и подобра екипа и подобри играчи, но тоа не е гаранција дека ќе освоите титула. Веспрем во последниве десет години мислам дека има играно на шест Ф4 и три финалиња и ги има загубено. Тешко е да се каже што недостасува. Кога сте член на тој тим не недостасува ништо. Лини имавме супер сезона се до натпреварите со Нант. Еден лош натпревар и цела сезона паѓа во вода… потоа ја загубивме и титулата, а до тој натпревар сè беше перфектно! Или сезоната кога игравме со Вардар финале во Келн и кога загубивме. Почнавме катастрофално, мислевме дека ќе се сруши светот, имаше голема нервоза во клубот, си замина Врањеш дојде Дејвис и имавме серија од 13 победи во Лигата на шампионите и стигнавме до финале со Вардар и… како да е проколнат клубот. Имаме такво чувство. Во тоа финале не бевме вистинските и заслужено загубивме, но оној меч со Келце!? Невозможно е да водиш девет разлика и да загубиш! Уште 100 години да го играме тој натпревар нема така да заврши. Затоа некогаш имаме чувство како да е некое проклетство. Некогаш во спортот и среќата треба да ви е наклонета. Велат дека таа се заслужува, не знам, можеби не сме ја заслужиле досега, но нема предавање, ќе се бориме и сезонава до крај, па ќе видиме што ќе биде.“

Во продолжение погледнето го целосниот разговор со Манасков.

ИНТЕРВЈУ ДЕЈАН МАНАСКОВ: Порано постоеше ред, сега многу лесно се станува репрезентативец