Шарт предвреме го смени Херона, негов наследник е Србин!

Екипата на Шарт преку соопштение објави дека селекторот на Србија, Тони Херона, повеќе нема да го води клубот.

Иако се очекуваше двете страни да се разделат на лето, сепак,  раководството на клубот поради лошите резултати одлучи предвреме да направи измени.

За нов тренер е назначен Небојша Стојиновиќ, кој во стручниот штаб на Шарт работеше како тренер на голманите.

Стојиновиќ веќе од денес го презеде кормилото на францускиот суперлигаш и во новиот предизвик ќе има задача со ракометарите да обезбедат опстанок во најквалитетното натпреварување во Франција.

Србинот во перидот од 2018 до 2020 години беше дел и од стручниот штаб во машката сениорска репрезентација на Србија, која тогаш беше предводена од Ненад Перуничиќ.

Новиот наследник на Херона во текот на својата играчка кариера речиси 15 години бранеше во Франција и го чуваше голот на Шамбери, Истр, Монпелје и Дижон.

Шарт моментално се наоѓа на 14 . позиција на табелата, на свое конто има 13 бодови, додека Истр и Селест, кои се наоѓаат во опасната зона за испаѓање, имаат по 11, односно девет бодови.