Шампион во победничка серија, падна тимот на Борец

Тимот на Шампион ја забележа и третата победа во Првата лига, откако во интересен натпревар го совлада велешки Борец со 31-33.

Шампион отвори со предност од 1-4, па беше и 2-6, а во текот на првото полувреме избраниците на Слободан Чивлачки имаа и 5-9. Сепак велешани не се предаваа и до паузата успеаја да се вратат на минус еден, 12-13.

Момците на Васко Василев направија пресврт во вториот дел и поведоа со 24-22, но возбудувањата продолжија. Иако поради три исклучувања, Шампион остана без Јанаќиевски, сепак успеа да израмни на 25-25.

Во последните пет минути се влезе со предност за Шампион, 27-29, но велешани кога најмалку требаше направија неколку грешки во серија и скопскиот тим се одлепи на 29-33. До крајот Борец само успеа да намали на конечни 31-33.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Марио Миланов и Никита Стојановски со по осум погодоци, додека Есад Дрпљанин постигна шест. Кај Борец се истакнаа Кире Мачавелов со девет голови и Антониј Андовски со осум.