Шампионска вечер во „Јане Сандански“ го врати Вардар на 2. место

Актуелниот шампион на Европа, Вардар имаше одлично издание и потсети на шампионските игри од минатата сезона откако денеска против Мешков Брест од првата до последната минута беше во предност и дојде до победа со 36:31. Гостите од Белорусија се обидоа да се спротистават колку што можат, но расположените вардарци играа одлично и во секој момент од средбата знаеја што сакаат.

Почетокот на средбата мина во знакот на ракометарите на Вардар кои поведоа со 2:0. Иако гостите израмнија брзо, во 9. минута одново имаше плус два и 5:3, а првпат на три гола разлика се отиде во 13. минута при 9:6. Ова беше знак за тајм-аут кај гостите, а веднаш потоа успеаја одново да дојдат до негатива од само еден погодок. Вардарци, сепак, успеаја да исконтролираат и да останат на плус два, но никако не можеа да зголемат на три гола разлика.

Сепак, после 20 минути игра конечно одбраната почна да дава резултати и да овозможува контри и полуконтри кои во 24. минута донесоа четири позитива и водство од 17:13. Меѓутоа противникот брзо врати, а потоа и среќата беше сојузник на „црвено-црните“ бидејќи беа со ракометар помалку и играа без голман, а Мешков Брест двапати промашуваше, па до крајот на првиот дел остана разликата од два гола и 19:17 на одмор.

Вториот дел вардарци го почнаа фуриозно. Тргнаа со три гола за неполни две минути и брзо обезбеди плус пет што даде можност за помирно продолжение на средбата. Мешков се обиде да се врати и успеваше на моменти да дојде до три гола негатива, но не и да направи нешто повеќе. Тоа отвори простор за контрола на резултатот, па Вардар постојано беше во позитива која даваше гаранција дека на овој дуел ќе бидат обезбедени два бода.

На средина од вториот дел Кокшаров одлучи на терен да го внесе и најмладиот меѓу голманите, Марко Кизиќ, кој покажа дека е во одлична форма и ги понесе своите колеги кон триумф откако во еден напад имаше двојна одбрана и стави до знаење дека треба повеќе да се верува во него. Одлично ја командуваше одбраната, а тоа даваше постојана предност од 5-6 гола.

Во финишот од средбата функционираше сè, па само беше прашање на разликата и резултатот со кој ќе заврши овој меч. Воедно се полнеше и празниот гол на Мешков така што комплетната слика за овој дуел беше одлична и може да се опише со два збора – ШАМПИОНСКИ ВАРДАР!

ВАРДАР – МЕШКОВ БРЕСТ         36:31 (19:17)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 3.000. Судии: Јонас Елијасон и Антон Палсон од Исланд. Делегат: Предраг Павичевиќ од Црна Гора.

ВАРДАР: Гедбан (4 одб.), Кугис, Кизиќ (5 одб.), Стоилов 2/4, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 9/10, Карапалевски, Сикошек Пелко 1/1, Дисингер 1/3, Скубе 6/7, Калараш 5/5, Чупиќ 7/10, Дибиров 2/4, Горбок, Шишкарев 3/3.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 8 мин.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ (4 одб.), Мацкевич 0/1 (4 одб.), Канкараш 4/6, Кулак, Паниќ 5/11, Шкурински 4/6, Андрејев, Јуринок 1/2, Обрадовиќ, Акамбре 2/3, Баранов 0/2, Разгор 1/1, Селвјашчук, Ѓукиќ, Вајлупов 9/10, Малус 5/8.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 16 мин.