Шампионот остана без лидерот – Ангела Јанкуловска потпиша за Ѓорче Петров

Амбициозниот проект на Ѓорче Петров продолжува да гради силен и конкурентен тим за новата сезона.

Нова ракометарка во Ѓорче Петров е сениорската репрезентативка на Македонија, Ангела Јанкуловска. Младата ракометарка во Ѓорче Петров доаѓа од актуелниот шампион на Македонија, Куманово.

Левиот бек минатата сезона беше избрана за најдобар стрелец и МВП во Купот на Македонија. Јанкуловска во Куманово покажа одлични резултати во натпреварите од Супер лигата, а тоа беше причина да добие повик во сениорскиот национален дрес.

Битолчанката од 2019 година настапуваше за екипата на Куманово. Нејзиниот потенцијал беше забележан уште при нејзините настапи за Пелистер во рамките од Челинџ купот во 2018 година.

Јанкуловска е третата репрезентативка на Македонија во Ѓорче Петров по Анастасија Николовска и Симона Стојановска.

Освен споменатите три ракометарки, Ѓорче Петров ја ангажираше и голманката Наташа Антиќ, како и Марија Николовска, Ана Марија Коларовска, Симона Василева, Сања Цветковска, Слободанка Кицеска, Анастасија Белевска и Ања Урбан.

Новата сезона во Женската лига би требало да стартува на 18/19 септември.