Шабановиќ: Не смееме да си дозволиме кикс против Вардар Неготино

Екипата на Прилеп во сабота пред својата публика ќе се соочи со составот на Вардар Неготино, кој во првите две кола беше поразен од Пролет, односно Голден Арт.

Прилепчани на табелата имаат три бода, кои беа освоени со триумфот над Бутел Скопје, додека во второто коло иако дадоа отпор, сепак, беа поразени во Скопје од Пролет.

Дуелот против Вардар Неготино за Прилеп е од голема важност, бидејќи со евентуална победа тимот на Божидар Мојсов ќе биде поконкурентен во борбата за плеј-офот.

Црногорскиот интернационалец Денис Шабановиќ истакна дека Вардар Неготино е доста незгоден тим, но се надева на победа и нови освоени бодови на домашен терен.

,,Очекуваме победа против Вардар Неготино, ние ќе дадеме сѐ од себе за да ги освоиме бодовите. Не смееме да си дозволиме кикс или било какво опуштање, бидејќи тоа ривалот ќе го казни. Мислам дека пресудно на овој дуел ќе биде силната одбрана, која ја имаме, а од силната одбрана доаѓа и добар напад. Би ги повикал сите фанови на Прилеп да нѐ поддржат и да ја разубават атмосферата во салата. Многу е убаво да се игра пред полна сала. Ние можеме да ветиме дека ќе играте добар ракомет”, изјави Шабановиќ.

Десното крило, кое има и искуство на европска сцена, смета дека падот во финишот во дуелот со Пролет бил клучот за загубените бодови.

,,Против Пролет одигравме многу добро. Уште од раната фаза од мечот останавме без еден од нашите клучни играчи. Тоа малку не поремети, но не се откажавме. Мислам дека добро игравме и добро париравме цел натпревар, што се гледа дека во еден момент имавме напад за плус еден. Пресудно на овој дуел беше тоа што Пролет е поискусна екипа, а ние изгубивме концентрација во последните десет минути”, заврши Шабановиќ.

Дуелот меѓу Прилеп и Вардар Неготино ќе се одигра на 23 септември во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” со почеток од 19:00 часот. Влезот за сите љубители е слободен.