Чупиќ стрелаше три пати, Хрватска не и даде шанса на Унгарија

Во натпревар од Евро купот селекцијата на Хрватска на домашен терен беше поуспешна и славеше со 31-27 над еден од домаќините на следното ЕП – Унгарија.

Избраниците на Лино Червар одиграа добар натпревар, уште на почетокот направија два гола предност која успешно ја одржуваа до 17. минута. Тогаш Унгарците успеаја да го преземат водството, но само за момент.

Со головите на Брозовиќ и Мартиновиќ во завршните моменти од првиот дел Хрватска обезбеди добра предност на полувреме. После 30 минути игра момците на Лино Червар имаа 17:13, позитива која на крајот се покажа клучна за победникот.

Второто полувреме беше максимално израмнето, во неколку наврати Унгарија успеваше да стигне до израмнување на резултатот, но ниту еднаш не поведе во вториот дел. Со сигурна игра во финишот на мечот Хрватска стигна до победа од четири гола разлика.

Најефикасени во тимот на Хрватска беа повратникот Мануел Штрлек и Иван Мартиновиќ со по шест гола. Дувњак постигна пет гола, а вториот повратник Чупиќ погоди три пати. Во составот на Унгарија, Ричард Бодо постигна шест гола, а по четири дадоа Мате и Бока.