Чупиќ втор асистент во групната фаза од ЛШ, Митревски меѓу најдобрите голмани

По завршувањето на групната фаза во Лигата на шампионите  и пред почетокот на елиминациските натпревари од осминафиналето, статистиката говори дека ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ е втор најдобар асистент со вкупно 47 асистенции кон своите колеги од „црвено-црниот“ дрес.

Искусниот ракометар од Хрватска има постигнато 52 гола во групната фаза. Со нив Чупиќ е меѓу најефикасните ракометари од редовите на македонскиот шампион. Најдобар асистент по завршувањето на групната фаза е поранешниот ракометар на Вардар, Сташ Скубе. Словенецот игра одлична сезона во Мешков Брест и неговата игра е надополнета со 70 асистенции. Покрај одличната организација во нападот, Скубе зад своето име запиша и 41 погодок.

Прв стрелец од Вардар е Тимур Дибиров со вкупно 63 гола. Рускиот репрезентативец е на 6. позиција на листата на стрелци, а неговиот поранешен колега, Алекс Душебаев со 80 гола ја држи првата позиција.

Голманот на Порто, Никола Митревски се најде во топ 10 најдобри голмани по завршувањето на групната фаза. Митревски со своите импресивни 29,7% одбранети удари е на осмото место. Најдобар голман во досегашниот тек од Лигата на шампионите е Бењамин Буриќ од Фленсбург. Босанецот има 35,7% успешност на одбранети удари.