Чупиќ: Ако Пик Сегед биде подобар од нас во 120 минути – ќе му честитам

После завршувањето на групната фаза јасно е дека Вардар ќе мора во осминафиналето од Лигата на шампионите против третопласираниот тим од Групата А. Веќе е сосема извесно дека тоа ќе биде составот на Пик Сегед така што вардарци ќе имат тежок дуел.

Сепак, Иван Чупиќ не се предава и вели дека признава само ако некој победи на терен, но прво вели дека мора да мислат на СЕХА.

„Ние мораме прво да одиграме најдобро што можеме на теренот во Нашице против Нексе, а потоа мора да обезбедиме и Ф4 во СЕХА. Сакам во март да сме сите здрави за да одиграме најдобро што може против Нексе и против Пик Сегед. Сепак, доколку некој сака да оди понатаму против нас мора да нè победи. Пик Сегед ќе треба да дојде тука, а ние да одиме таму. Затоа додека нè не победат тие не се подобри од нас. Ќе направиме сè што можеме, а тие нека покажат дека се подобри од нас. Има 120 минути, ако покажат ќе им честитам, а ако не покажат нема да се предадеме и ќе играме со сите сили“, изјави Чупиќ.

Март ќе биде максимално тежок за вардарци бидејќи тие прво на 8 и 15 ќе играат против Нексе, а потоа следните два викенди ќе имаат дуели од осминафиналето во Лигата на шампионите.