Чекајќи го Андерсон од Порто: Филип Гардан е нов тренер на Екс ан Прованс

Екипата на Екс ан Прованс, која во изминатата сезона беше еден од најбогатите клубови во Франција, со буџет од околу шест милиони евра, во новата сезона ќе биде предводена од Филип Гардан.

Искусниот стратег на клупата на Екс ан Прованс најверојатно ќе остане до следната сезона. Според најавите, францускиот суперлигаш од следното лето треба да биде предводен од тренерот на Порто, Магнус Андерсон.

Филип Гардан од месец март работеше како помошен тренер на Екс ан Прованс. Во својата тренерска кариера ги предводеше Шамбери, ПСЖ и Тулуз. На клупата на „светците“ беше од 2012 до 2015 година, период кога ПСЖ започна да доминира во францускиот шампионат.

Екс ан Прованс за следната сезона ангажира шест нови играчи. Во тимот на Гардан ќе пристигне несудениот вардарец Жилберто Дуатре, потоа Шиме Ивиќ, Дмитро Хориха, Денис Сердаревиќ, Андреа Паризини и Дави Лангаро.