Чаир бара поддршка од публиката, бесплатен влез за дуелот со Макаби Аразим

Ракометарките на Чаир откако го елиминираа косовскиот шампион Истогу обезбедија пласман во третото коло во Европскиот Куп и за ривал го добија тимот од Израел, Макаби Аразим, кој во второто коло го елиминираше македонскиот вицепрвак Куманово.

Првиот дуел меѓу Чаир и Макаби Аразим ќе се одигра на 4 декември во спортската сала ,,Автокоманда”. Чаирчанки очекуваат голема поддршка од трибините, со цел да направат поволен резултат и да имаат поголема предност пред реванш дуелот.

Раководството на Чаир одлучи влезниците за натпреварот против Макаби Аразим да бидат бесплатни.

,,Ги известуваме сите оние кои го разбираат и го сакаат спортот за вредностите кои ги има и ги промовира, да го следат овој натпревар од Европскиот Куп, не на социјалните мрежи, туку во салата во Автокоманда, покажувајќи почит и учтивост кон сите кои ќе бидат присутни, овие доблести кои спортот ги промовира во современиот свет. Во оваа прилика ја известуваме нашата јавност дека влезот ќе биде БЕСПЛАТЕН! Чаир сака да им се заблагодари на сите поддржувачи и навивачи за нивната подготвеност да го поддржат нашиот клуб. Публиката е нашиот 8-ми играч. Заедно да пишуваме историја”, соопштија од Чаир.

Терминот за дуелот на 4 декември е 18:00 часот. Реванш натпреварот ќе се одигра на 10 декември во Израел.