Чави Пасквал остана без главниот дефанзивец – Савенко ја заврши кариерата

Капитенот на Динамо Букурешт, Дан Савенко преку социјалните мрежи објави дека ја завршува својата кариера. Раководството на Динамо Букурешт со големиот број на засилувања за престојната сезона најави целосна реконструкција на тимот.

Пикерот својата кариера ја завршува на 36 години, a во Динамо Букурешт настапуваше од 2015 година. Тој се заблагодари на сите досегашни тренери и на фантастичните навивачи на екипата од Букурешт.

По завршувањето на својата кариера, Савенко ќе започне да работи како тренер и ќе го предводи вториот тим на Динамо Букурешт. Освен тренерскиот ангажман во втората екипа, тој ќе работи и со академијата на клубот.

„Ми беше голема чест да играм до скоро 36 години. Најубавите години ги поминав во Динамо. Благодарен сум им на тренерите и на сите што ми помогнаа. Благодарам на фантастичните навивачи кои направија да се чувствувам вреден и ми дадоа сила во тешки моменти. Динамо е мојот втор дом. Почнувам нов пат, но не го напуштам клубот. Јас ќе бидам главен тренер на вториот тим и ќе ја координирам работата на академијата на Динамо. На трибините секогаш ќе бидам со момците“, напиша Савенко.

Освен за Динамо Букурешт, Савенко настапуваше и за екипатe на Стеaуа Букурешт и Меџидиа.

Новиот тренер на романскиот првак Чави Пасквал сега ќе мора да бара нови решенија во одбраната на тимот.