Црногорска легенда ќе биде тренер на Рудар

Еден од легендите на ракометот во Црна Гора, Игор Марковиќ, иако пред извесен период беше промовиран за нов тренер на црногорскиот вицепрвак Ловќен, сепак, искусниот ракометар, кој во изминатата сезона стави крај на својата играчка кариера, ќе го предводи женскиот тим на Рудар.

Станува збор за клуб кој е составен од млади ракометарки и кој е еден од подмладоците на најтрофејниот клуб во Црна Гора, Будуќност.

Марковиќ своите тренерски квалитети ги покажа и во женскиот ракомет како селектор на јуниорската репрезентација на Црна Гора, која на Светското младинско првенство во Словенија ја освои 10. позиција.

Во изминатата сезона беше предводник на пионерската екипа на Будуќност и со своите избранички оствари забележителни резултати во црногорскиот шампионат.

Прославениот црногорски ракометар во 2004 година беше дел од тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора. По осамостојувањето на Црна Гора, Марковиќ даде голем придонес во црногорската репрезентација.