Црна Гора се пласираше со еден, а ќе оди со друг селектор на Олимпијада

Иако квалификациите за Олимписките игри во Токио ги завршија успешно и обезбедија пласман на истото, Ракометниот сојуз на Црна Гора донесе одлука со која не ја продолжи соработката со стратегот од Данска, Ким Расмусен.

Тренерот кој мина кратко време и на клупата на Вардар пред некоја година со ова доби слободно од уште една работна задача, па нема да биде повеќе на клупата на Црногорките.

Веќе е назначен негов наследник, а на селекторската позиција доаѓа една од најдобрите ракометарки во светот во последните две децении, Бојана Поповиќ. Taa досега беше помошник во репрезентацијата, па сега добива можност како селектор да ги предводи девојките на Олимпијадата, но и во баражот за Мундијалот во Шпанија против репрезентацијата на Белорусија.

„Именувањето за селектор го доживувам како голема често, но и обврска. Му должам голема благодарност на Управниот одбор на сојузот кој ми ја укажа довербата. Ќе настојувам да ја оправдам, а свесна сум и за значењето на функцијата која е остварување на сонот на секој тренер. Веќе имав можност да се запознаам со сите репрезентативки, а верувам дека тоа ќе биде драгоцено искуство за следниот период“, изјави Поповиќ после назначувањето на новата функција.

Од минатата година таа е и тренер на екипата на Будуќност, па зад себе веќе има солидно искуство така што е јасно дека ќе има што да покаже во двете задачи во иднина бидејќи ја очекуваат многу предизвици.