Цинцадзе: Дуелот со Пролет е клучен за нас, сакаме реванш

После репрезентативната пауза, викендов се враќаат возбудувањата од плеј-офот во Супер лигата.

Екипата на Охрид која пред паузата врза серија од три победи на домашен терен, и се врати во игра за излез во Европа, во 12 коло го пречекува тимот на Пролет.

Охриѓани свесни се за важноста на дуелот и интензивно се подготвуваат за истиот. Грузискиот интернационалец Зураб Цинзадзе, очекува добар натпревар и бодовите да останат во Охрид.

„Пролет е искусна екипа, иако ослабена од кога почна плеј-офот, сепак, ние загубивме таму во гости и сега треба да се реваншираме и да победиме пред домашната публика. За нас ова е клучен натпревар и бодовите ни се многу важни за да останeме во игра за четвртото место и да се пласираме во европските купови. Ќе биде тежок дуел, но се надевам и верувам дека јас и моите соиграчи, предводени од нашиот тренер Андоновски ќе славиме овде и ќе ги освоиме трите бода“, изјави голманот на Охрид.

Натпреварот меѓу Охрид и Пролет се игра во недела, 7 мај, со почеток во 18:30 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.