Цветаноски и Рикановиќ едногласни пред дербито: Од Струга никој нема лесно да земе бодови!

Екипите на Струга и Охрид претстојниот викенд ќе го одиграат езерското дерби во Суперлигата и првпат ќе ги одмерат силите во новата натпреварувачка сезона. Во сабота во Струга во 18 часот се игра првиот дел од двобојот на соседските тимови. Натпревар што во минатото носел неизвесност, борба, драма и многу набој.

Стружани пред својата публика ќе имаат мотивација повеќе за да дојдат до освојување на трите бода, додека составот на Горан Андоновски ќе атакува на сигурна победа, со цел да ги задржи шансите за пласман во плеј-оф фазата.

Еден од главните алки во екипата на Жарко Ферукоски, левиот бек Никола Цветаноски ветува голема борба против амбициозниот тим на Охрид истакнувајќи дека очекува голема поддршка од домашната публика.

,,Не очекува многу тежок натпревар со квалитетен противник, треба максимално концентрирано и борбено да одиграме и со помош на нашата публика да очекуваме неизвесен дуел. Мотивот со Охрид е секогаш висок и предноста е во нашата верна публика. Охрид е квалитетна екипа, го покажа својот потенцијал во претходното коло против актуелниот шампион Вардар. Секој има слаби страни, а ние ќе пробаме да ги искористиме нивните и се надевам дека ќе бидеме комплетни за овој натпревар. Секако дека имаме верба во нашиот квалитет и ќе направиме сѐ за да го докажеме тоа”, изјави Цветаноски.

Левиот бек смета дека неговата екипа во претходните натпревари, особено во натпреварот против Прилеп, кој што заврши без победник, можеше подобро да одигра и да освои бод плус на свое конто.

„Сигурно можевме со Прилеп да одиграме повеќе, имавме три до четири гола предност, но сепак на крај можевме и бод да изгубиме. Натпреварот против Бутел го загубивме во последните десет минути. Во секој случај сега се надевам дека ќе бидеме комплетни, односно дека ќе ни се вратат повредените играчи и секако, да имаме повеќе опции во нападот што е многу важно за вакви натпревари”, заврши Цветаноски.

Дали Струга ќе успее да направи поволен резултат против Охрид, најмногу ќе зависи од голманот Дејан Рикановиќ. Новото засилување на Струга за годинешната сезона е оптимист за натпреварот против соседот.

,,Охрид е фаворит на хартија и сметам дека имаме големи шанси да победиме во овој дерби дуел. Она што е сигурно е дека никој од Струга нема да си замине со победа многу лесно. Нашите навивачи секогаш се мотивација плус. На сите натпревари „Паткари“ се нашиот осми играч и со нивна поддршка многу е лесно да се дојде до поволен резултат”, изјави Рикановиќ.

Босанскиот интернационалец се надева дека во сабота заедно со неговите соиграчи ќе го покажат големиот потенцијал и ќе се радуваат на третата победа во Суперлигата.

,,Мислам дека во последните три натпревари можевме да покажеме многу повеќе и да победиме барем на два од нив, но сега имаме шанса сето тоа да го поправиме во дерби дуелот со Охрид. Сигурно е дека имаме потенцијал и дека се подобруваме како тим од натпревар во натпревар и во сабота е вистинската можност да го покажеме тоа”, заврши Рикановиќ.

Натпреварот меѓу Струга и Охрид ќе се одигра во сабота (8 октомври) во салата при СОУ „Нико Нестор“ со почеток од 18:00 часот.

ТУКА може да ја погледнете целосната суперлигашка програма за 6. коло.

Тасески: Струга ќе ја има поддршката од навивачите, но Охрид знае како треба да игра за победа