Тасески: Струга ќе ја има поддршката од навивачите, но Охрид знае како треба да игра за победа

Викендов ни го носи првото езерско дерби сезонава во Супер лигата. Екипата на Охрид гостува во Струга.

Иван Тасески, ракометарот кој заедно со капитенот Крсте Андоновски, има најдолг стаж кај охриѓани, многупати досега го почувствувал набојот на ова дерби, вели дека на ваквите натпревари нема фаворит.

Очекува тежок натпревар, бидејќи Струга не е екипа за потценување. Клучот за победата според него е добра игра во двата правци.

„Струга ќе ја има поддршката од нивните „Паткари“ кои ќе бидат нивни осми играч и ќе имаат ветер во грб и поголем мотив да играат. Ние мора да изиграме добра одбрана, да дадеме лесни голови од контра и полу контра, да ги намалиме техничките грешки и да ја подобриме реализацијата во напад, за да може да го добиеме натпреварот. Со победа против Струга ќе имаме поголеми шанси за пласман во плеј-офот“, изјави Тасески.

Стружани во натпреварот влегуваат како подобро пласирани на табелата, тие моментално се на четвртото место, додека гостите од Охрид се на петтото. Сепак традицијата е на страна на охриѓани кои во дванаесет меѓусебни натпревари во Супер лигата забележале девет победи, додека Струга само две, еден натпревар завршил нерешено. Последен пат стружани на победа против Охрид се радувале пред нешто повеќе од три години.

Натпреварот помеѓу Струга и Охрид ќе се одигра во сабота, 8-ми октомври, во салата „Нико Нестор“ со почеток во 18:00 часот.

Цветаноски и Рикановиќ едногласни пред дербито: Од Струга никој нема лесно да земе бодови!