Хрватско трио од Вардар и Хорват на првиот список на Червар, Гаџа и Мандалиниќ на „чекање“ (ФОТО)

Селекторот на машката репрезентација на Хрватска, Лино Червар, го објави првиот список со 19 ракометари што ќе ги стартуваат подготовките за настапот на Мундијалот во Египет.

Покрај другите, на списокот се најдоа десното крило на Металург, Златко Хорват, како и тројца членови на Вардар – Иван Чупиќ, Ловро Јотиќ и Јосип Векиќ.

Червар на списокот има и четворица резервни ракометари од кои двајца исто така играат во Македонија – Анте Гаџа од Вардар и Стипе Мандалиниќ од Еурофарм Пелистер.

Списокот е без Циндриќ, Карачиќ, Штрлек, Дувњак и дел од играчите од Бундес лигата, кои ќе се приклучат во втората фаза на подготовките што ќе стартува на 1. јанаури 2021 година.

Првата фаза треба да почне во Пореч на 26 декември и ќе трае до 30 декември. Планирано е заминување за Египет на 12 јанаури, а на 5 и 9 јануари, Хрватска ќе ги игра двете средби против Шпанија од Евро Купот.