Хрватска остана без трофеј во Евро Купот, Чупиќ и Кушан шутираа без грешка

Во рамките од ЕХФ Евро Купот, Унгарија и Хрватска одиграа одличен натпревар, а ракометарите на Унгарија се израдуваа на победа со 26:22 и го освоија првото место, односно трофејот во ова натпреварување, поради повеќе голови на гости кај Хрватска во поразот од 31:27.

Ако загубеа со три гола, Хрватите ќе имаа шанса со триумф во заостанатиот меч со Шпанија (службен или на терен) да стигнат до трофејот, но за жал паднаа во финишот.

Унгарија беше во водство на почетокот од натпреварот и имаше предност од 3:2, а потоа и 4:3. Избраниците на Хрвоје Хорват со серија од 2:0 преку Лучин и Кушан стигнаа до првото водство од 4:5, и од 10. минута беа постојано во предност со еден до два гола разлика. Хрватска замина на пауза со водство од 9:10.

Во вториот дел, борбата продолжи на двете страни и најчесто ракометарите на Хрватска одржуваа рамнотежа на резултатот до 45. минута. Унгарците во походот за преземање на водството, во 46. минута преку Петар Топиќ ја вратија посакуваната предност и го свртија резултатот во своја корист, 18:17.

Во последните десетина минути, Унгарија успеа да ја зголеми својата предност и со трофеј ги заврши настапите во ЕХФ Евро Купот.Во репрезентацијата на Хрватска меѓу главните стрелци беа ракометарите кои настапуваат во македонскиот шампионат.

Ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ ги предводеше стрелците и успеа да постигне 5 гола од 5 шута, а 100% реализација имаше и ракометарот на Еурофарм Пелистер, Томислав Кушан, кој, погоди 3 пати од исто толку обиди. Матео Мараш не успеа да се запише во листата на стрелци.

Во репрезентацијата на Унгарија, Доминик Мате и Педро Родригез беа најефикасни со по пет гола.