ПРЕСИНГ: Хрватска и шпанска одбрана 5-1 и 6-0: Иста ама различна!

Заедничко, освен победите, за двете репрезентации беше тоа што и двете репрезентации во текот на мечот играа одбранбени зони  5:1 и 6:0. Интересно беше да се види начинот на кој ги играат овие одбранбени зони, во принцип исто, ама на терен сосема различно.

На петтиот ден од СП во Египет, репрезентациите на Хрватска и Шпанија победија и тоа во неизвесни натпревари против Ангола, односно Полска. И во двата случаи одбраните го добија мечот, Шпанците успешно ја спуштија Полска под 30 голови, додека Хрватите и дозволија само 20 голови на Ангола.

Хрватската 5:1 одбрана, беше школски пример како се игра оваа зона. Преден играч истурен  напред  до 9-10 метри, два  халфови со излегување до 8-9 метри, централен одбрамбен играч кој ќе затвора пивот на линијата од 6 метри и корегира.
За разлика од хрватската, на другиот меч шпанската зона беше далеку подлабока, предниот играч вршеше притисок на противничкиот среден длабоко на својата половина, на моменти дури до половина терен, халфовите исто така беа длабоко поставени, додека централниот одбрамбен беше задолжен за пивотот да го прати во неговото движење и за разлика од хрватскиот систем, каде стои закован на 6 метри, можеше да се случи да излезе надвор до 9 метри.

Исто така и начинот на кој ги решаваа противничките напади беше различно една од друга репрезентација. Хрватите играа повеќе со помагање еден со друг, додека Шпанците влегуваа во дуели 1 на 1. Најчесто оваа одбранбена зона се напаѓа со втрчување на уште еден напаѓач на линијата од 6 метри, било тоа да е крило, бек или уште еден пивот. Во ваков случај Хрватите остануваа плитко во формација,играа на издржливост на зоната, предниот играч се спушташе до 8-9 метри обидувајќи се да го спречи дијагоналното додавање на линијата од 6 метри, додека халфовите со игра 2 на 2 во комбинација  со крајните одбранбени или со централниот одбранбен играч, зависно каде е поставен пивотменот,  се обидуваа да се одбранат.

Шпанската 5:1 одбрана на ваков напад, не се спушташе и не  играше на помагање еден меѓу друг, туку секој играч се трансформираше во својота улога и имаше стриктно свој напаѓач во игра 1 на 1. На пример доколку втрча левиот бек, предниот одбрамбен играч го пратеше својот напаѓач во лево, десниот халф остануваше со пивотот, левиот халф го превземаше левиот бек на втор пивот, а централниот одбрамбен истрчуваше длабоко до 9 метра во игра 1на1 со десниот бек.

Во зоната 6:0 исто така имаше драстични разлики.  Во принцип сите се поставени исто долж линијата од 6 метри, меѓутоа страничното и праволиниското движење во рамките на зоната ги правеше различни една од друга. Кај Хрватите одбрамбената линија од 2 до 5 беше покомпактна, поплитка, крилата даваа поголема густина. На пример кога топката е кај десниот бек, дијагоналниот страничен одбрамбен играч е поставен на 7 метри и со тоа дава поголема густина на централниот дел на зоната. Од друга страна  кај Шпанците старничните одбрамбени играчи беа поставени подлабоко негде на 8-9 метри во зависност каде се наоѓа топката и пивотменот. Во истиов случај шпанскиот страничен одбрамбен играч се наоѓаше на 9-10 метри вршејќи притисок на левиот бек и повторно имавме игра 1 на 1, на некои 9 метри од зоната.

Одбраната е таа која го добива мечот. Одбрана треба да знаеш да играш, но пред се треба да имаш желба да играш. Токму таа желба, цврстина ,жар  треба денес да демонстрираат нашите репрезентативци против Чиле. Треба да им покажат дека немаат што да бараат денеска на мечот.

Со среќа момци !!!