Холандија загуби од Чешка, Норвешка пресилна за Бразил

Репрезентациите на Холандија и Норвешка, кои заедно со Аргентина се ривали на Македонија на Мундијалот во Полска и Шведска, денес играа против Чешка, односно Бразил.

Холандија во дуелот со Чешка, која токму од Македонија беше елиминирана во бараж дуелот за Светското првенство, загуби со три гола разлика, 33:30. Избраниците на Штафан Олсон на полувреме заостануваа на минус пет, губеа со 17:12, додека во вторите 30 минути не можеа да дојдат до поволен резултат.

Во рамки на турнирот во Норвешка, домаќините го совладаа Бразил со 30:23. Норвежаните до победата дојдоа со подобрата игра во одбраната во вториот дел. На полувреме резултатот беше 13:12 за ракометарите на Глен Солберг.

На вториот натпревар од турнирот во Норвешка, репрезентацијата на Португалија целосно го надигра САД со 39:27 (19:12).

Победа во денешните контролни натпревари оствари и селекцијата на Словенија, која беше подобра од Унгарија со 32:29 (13:13). На првиот меѓусебен дуел славеше Унгарија со еден гол разлика, 28:27.

Данска продолжува во победнички ритам пред стартот на Мундијалот, откако во вториот контролен дуел против Саудиска Арабија повторно запиша убедлива победа, овој пат со 13 гола разлика, 40:27 (20:13). Ракометарите на Николај Јакобсен на првиот дуел славеа со 43:16.

Романија, која нема да учествува на Светското првенство, формата за квалификациите за ЕП 2024 ја темпираше со неколку пријателски натпревари. Денес, избраниците на Чави Пасквал го совладаа Бахреин со 27:24 (15:15).

Претходно Романија беше поразена од Шпанија и Словачка, а беше подобра од Аргентина и Алжир.