Хансен незапирлив, ПСЖ триумфално против ПИК Сегед

Екипите на ПИК Сегед и ПСЖ одиграа еден од заостанатите натпревари во Лигата на шампионите. После голема борба и многу израмнет натпревар ракометарите на ПСЖ стигнаа до победа од 32:29, иако имаа и негатива од четири гола.

Унгарскиот тим добро го отвори мечот, поведе со 2:0 и 4:1 во првите десетина минути. ПИК Сегед играше одлично со лесна реализација на нападите и успешно ја одржуваше предноста сè до 20.минута кога беше 11:7.

Хансен двапати и Нахи погодија за серија од 3:0 на ПСЖ и враќање на неизвесноста. Веќе во 22. минута беше нерешено 11:11. До крајот на првиот дел домашниот тим повторно ја врати позитивата и на полувреме замина со минимални 17:16.

Второто полувреме ПСЖ го отвори со два гола по ред и го презема водството, следуваше игра гол за гол до 48. минута кога Мачковшек погоди за 26:26. Стеинс и Нахи двапати, погодија за три предност на ПСЖ во последните 10 минути што беше доволно за конечна победа.

Во тимот на ПИК Сегед со по четири гола најефикасни беа Степанчиќ, Калман, Банхиди и Мачковшек. Микел Хансен го водеше ПСЖ до победата со десет гола, а Стеинс и Нахи постигнаа по шест гола. Голманите на двете страни имаа добри интервенции Жедард собра седум, а Миклер осум одбрани.