Ф4 на Куп на Македонија – Ѓорче Петров: Вардар не смее да се потцени, мотивираноста мора да биде на максимум

Ракометарките на Ѓорче Петров имаат убава можност и прилика на најдобар можен начин да ја завршат натпреварувачката сезона 2022/23. По направениот успех на европска сцена и откако ја одбранија шампионската титула во националното првенство, сега на ред е борбата за Куп трофејот.

Ѓорчепетровки во ланската сезона стигнаа до финале во Купот, но во финалето беа изненадени и поразени од Металург, кој поради финансиски проблеми го откажа настапот на Ф4 турнирот во Охрид.

Екипата од Ѓорче Петров како ривал во полуфиналето го има незгодниот тим на Вардар. Овие две екипи за последен пат се сретнаа пред извесен период во натпревар од суперлигашкиот плеј-оф.

Вардарки речиси до самиот финиш успешно им парираа на „лавиците“, па сигурно избраничките на Симе Симовски веќе ги имаат увидено грешките и направено детална анализа како да го заверат пласманот во финалето и да се борат за 17.трофеј во својата клупска историја.

Тренерот Симе Симовски имаше пофални зборови за екипата на Вардар и посочи дека неговата екипа е доволно подготвена за нов дуел со „црвено-црните“.

,,Нормално дека сакаме да го поправиме впечатокот од минатата сезона, освоивме шампионска титула, не успеавме да го освоиме Купот и мора да извлечеме поука од лани, односно, како треба да настапиме на оваа завршница од Купот. Преземавме некои чекори, како тактички да одиграме, најпрво против Вардар, чекор по чекор, и ако биде се како што треба ќе играме во финале. Оваа година неколку натпревари одигравме против Вардар, имавме и тренинг натпревари во есенскиот дел, добро се познаваме, тие се екипа за респект, но и Вардар има некои послаби страни. Вардар не е екипа за потценување, баш напротив, треба да внимаваме на неколку ракометарки и мотивирани да излеземе на теренот”, изјави Симовски.

Македонскиот шампион направи голем успех на европска сцена, откако стигна до четвртфиналето во Европскиот Куп.

,,Што се однесува до Европа, мислам дека и следната сезона ќе бидеме дел од Европскиот Куп и нормално, ќе атакуваме на едно скалило погоре од оваа сезона. Се зависи и од ждрепката и од моменталниот ростер на играчи. Во рок од две до три недели би требало да се знае ростерот за наредната натпреварувачка сезона”, заврши Симовски.

Единственото полуфинале кај дамите меѓу екипите на Ѓорче Петров и Вардар ќе се одира со почеток од 20:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.