Французите не ја потценуваат Македонија: Тоа е докажана селекција што ја предводи легендата Лазаров

Македонија ќе игра против Франција во баражот за Светското првенство во Египет следната година. Шансите да се најдеме на нов Мундијал се мали, Франција е фаворит, но селекторот Гијом Жил не ја потценува нашата селекција.

Тој вели дека Македонија е докажана репрезентација што ја предводи легендарниот Кире Лазаров.

„По слабиот настап на ЕП, ќе мора да почнеме од квалификации за пласман на Светското првенство. Добивме квалитетен противник. Македонија е репрезентација што редовно учествува на големите натпреварувања, докажана, а во своите редови го имаат и Кире Лазаров, легендата на нашиот спорт. За нас е чудно што мораме да играме бараж, но ќе мораме да останеме максимално сконцентрирани во текот на двете средби. Првиот дуел го играме на гости, но решавачки ќе биде реваншот на домашен терен“, вели Жил.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Франција ќе се игра од 5 до 7 јуни, додека реваншот е од 9 до 11 јуни.