Фантастична партија на Наков, Голден Арт 2 падна во Струмица

Тимот на Астраион славеше против Голден Арт 2 со 30-28 во натпревар од 11 коло во Првата лига. Васе Наков имаше фантастична партија и со 14 гола го водеше струмичкиот тим до триумф што го остава во игра за плеј-офот.

Гостите парираа одлично во првиот дел, водеа во два наврати со по два гола, но Астраион се врати во игра, израмни на 8-8, а потоа и поведе со 11-9. Струмичани н ја испуштаа предноста и на пауза се замина со резултат 15-13.

Избраниците на Филип Глигоров беа упорни, и во вториот дел на десетина минути до крајот изрманија на 23-23. Сепак немаа решение за расположениот Наков, кој постигна дури шест гола во последните десетина минути од мечот.

Астраион поведе со 25-23, и до крајот на мечот се играше гол за гол, па гостите мораа да се помират со поразот.

Најдобри стрелци кај победничкиот тим беа Наков со 14 гола, додека кај Голден Арт 2 се истакнаа Петар Стојаноски со 11 и Кристијан Стаменковиќ со седум погодоци. Астраион сега има 12 бода на петтото место, додека Голден Арт 2 останува трети со 18 бода.