Унгарија и Русија веќе имаат мундијалски билет

Селекциите на Унгарија и Русија остварија убедливи победи во првите бараж натпревари за Светското првенство во Шпанија во декември.

Унгарките славеа на домашен терен во Ерд над селекцијата на Италија со 46-19, додека Русинките ја победија Турција на гости во Аксарај со 23-35.

Во триумфот на унгарската селекција се истакнаа Клујбер со десет и Лукач со седум погодоци, а во италијанскиот состав по пет гола дадоа Родондо и Бабо.

Во репрезентацијата на Русија најмногу голови постигна Дмитриева – шест, додека кај домаќинките се истакна Ајдин со пет погодоци.

Иако има и реванш, јасно е дека Унгарија и Русија веќе се на Мундијалот, покрај домаќинот Шпанија, светскиот првак Холандија, како и најдобрите четири од ЕП – Норвешка, Данска, Хрватска и Франција.