Турбуленциите во стручниот штаб се минато – Подравка има нов тренер

Екипата на Подравка која е учесник во Лигата на шампионите се соочи со проблем во стручниот штаб бидејќи по поразот од Локомотива Загреб му даде отказ на тренерот, Невен Хрупец и како негова алтернатива на тренерското место беше привремено назначен Антонио Прањиќ.

По долгите размислувања на управата на клубот беше пронајдено адекватно решение за замена на Хрупец. Раководството на Подравка одлучи нов тренер на екипата да биде поранешниот селектор на женската репрезентација на Хрватска, Горан Мрѓен.

Во комбинација за преземање на клупата на Подравка беше и Драган Аџиќ, но Црнгорецот останува посветен само со работа во женската репрезентација на Словенија.

Во Подравка, Мрѓен доаѓа по трет пат, а во својата тренерска кариера беше предводник на голем број клубови од Хрватска. Најголемите успеси ги имаше токму со Подравка која во минатото беше неприкосновена во домашниот шампионат.

Првиот предизвик за Мрѓен како старо-нов тренер на Подравка ќе биде натпреварот во рамките од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд во Германија. По пет одиграни натпревари во најквалитетното европско натпреварување, Подравка се наоѓа на 7. позиција во Групата А со една победа и четири порази.