Турбулентно полувреме во Загреб – Вардар има минус два на одмор

Ракометарите на Вардар губат со 12:14 после првите 30 минути против Загреб откако имаа турбулентно полувреме во кое не успеаја да го одржат ритамот на највисоко ниво и заминаа на пауза со негатива.

Од почетокот на средбата Загреб ја имаше иницијативата на теренот. Домашните поведоа со 2:0 во 3. минута, а во 10. минута веќе имаа 5:2. Во овој период од средбата Славиќ имаше неколку одбрани, симна зицери и шутеви од контра, па беше тешко да се следи и да се фати приклучок.

Сепак, откако Томовски успеа да одбрани и да се зацврсти одбраната, лесно да се пресекуваат топки се виде еден сосема поинаков Вардар. При 6:4 за Загреб во 13. минута дојде до клучниот период во првото полувреме во кој со 4:0 вардарци целосно ја свртеа средбата во своја полза. Во 16. минута водеа со 8:6.

Иако Загреб израмни за две минути на 8:8 веднаш беше вратена предноста, а Дибиров се разигра и најде начин како да го совлада Славиќ така што одново беше плус два.

Кога се очекуваше лесно да се продолжи задачата и да се зголеми предноста, при 11:9 во 22. минута дојде до криза во играта. Вардарци не успеаја да останат во потребниот ритам, па примија четири гола за пет минути и одново беа во негатива. Новиот погодок дојде дури во после речиси осум минути кога Стоилов конечно успеа да најде начин да го совлада Славиќ.

Сепак, во последните секунди, Загреб изнуди седмерец и исклучување за Тото. Чупиќ беше реализатор за 14:12 после 30 минути за неговиот тим. Тој е и најефикасен со пет гола, а три има Давид Мандиќ. Во Вардартри гола има Дибиров, по два Тото и Гаџа, а по еднаш прецизни беа Талески, Кудуз, Куни Моралес, Ѓукиќ и Стоилов.