Трилер дуел во Неготино – Ангелов одбрани пенал во последната секунда и донесе победа за Вардар!

Екипата на Вардар Неготино во драматичен финиш излезе победник во дуелот против Работнички откако триумфираше со 33:32. Избраниците на Аце Станковски од готово направија вересија, а нивниот спасител беше голманот Петар Ангелов.

Брзата и ефикасна игра на нападите од страна на домашната екипа во првиот дел резултираше со нивно водство од 7:5, а една минута подоцна, Трајковски со својот трет гол донесе плус три за Вардар Неготино, 8:5. Сепак, гостите предводени од Дука со серија од 4:0 повторно стигнаа до минимална предност од 9:8.

По петнаесетина минути игра, Станковски мораше да побара тајм-аут за консолидирање на неговата екипа. Советите од домашната клупа вродиа со плод и со неколку голови во низа, Вардар Неготино дојде до плус три, 13:10. Гостите од Скопје не успеаја да направат повторно камбек, влегоа во резултатска криза и нивните грешки беа целосно искористени од домашниот состав. На полувреме, Вардар Неготино имаше сигурна предност од 18:11.

Во вториот дел, Вардар Неготино зголеми на плус осум разлика, 19:11. Одличниот голман на домаќините, Недев со одличните интервенции ја одржуваше високата предност на својата екипа. Џокерот во нападот кај Вардар Неготино, Орешков беше незапирлив на теренот и со неговиот гол, домаќините зголемија на највисоки 21:12. Малиот пад во играта на неготинци беше искористен од страна на Работнички кој со голот на Ефтимов намали на 23:17.

Домашната екипа во последните петнаесетина минути влезе со водство од 24:20. Работнички започна сериозно да фаќа приклучок со голот од седмерец кој беше постигнат од Дука за минус три негатива, 21:24. Вистинска драма имаше во последните три минути кога Работнички целосно се врати во игра. На дваесетина секунди пред финишот, Дука донесе изедначување за својот тим, 32:32, но преку брз напад, домаќините постигнаа гол за 33:32. Во последниот напад за Работнички беше досуден пенал, а на голот на Вардар Неготино за прв пат на натпреварот застана поранешниот голман на македонската репрезентација, Петар Ангелов, кој го одбрани ударот на Ѓорѓи Дука и му донесе три бода на својот тим.

Орешков даде девет гола, а Трајкоски осум за домаќинот, додека Димевски постигна 12 за Работнички. Со новите освоени бодови на свое конто, Вардар Неготино останува во игра за првото место во Групата А.