Тренерски смени во најава: Алонсо во Рајн Некар, Зорман во Мешков Брест?

Екипата на Мешков Брест најверојатно ќе мора да си најде нов тренер бидејќи на крајот од оваа сезона Раул Алонсо може да се пресели во Бундес лигата.

Според информациите кои ги објавуваат медиумите во Германија, Алонсо е пред потпис на договор со тимот на Рајн Некар и голема е веројатноста тој да ја напушти Белорусија и да седне на клупата на екипата која во последните сезони не можеда им парира на тимовите кои се во битка за титулата во Бундес лигата.

Со оглед на тоа што во Мешков Брест веќе работат на пронаоѓање на негов наследник очигледно е дека трансферот е во завршна фаза и дека Алонсо ќе го напушти шампионот на Белорусија.

Како најсериозен кандидат за наследник се споменува името на Урош Зорман. Доколку се остварат најавите тогаш Зорман ќе го напушти тимот на Тримо Требње и ќе се пресели во Белорусија. На тој начин поранешниот репрезентативец на Словенија и актуелен помошник на Врањеш ќе добие можност да предводи екипа која се натпреварува во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата.

Засега нема потврда од клубовите, но постои голема веројатност да дојде до ваква комбинација за тренерските позиции во Рајн Некар и Мешков Брест.