Кружниот напаѓач Марин Шипиќ, нема да го продолжи договорот со актуелниот хрватскиот шампион Загреб и веќе е во потрага на нова средина. Претходно Шипиќ беше член на Нексе, а пред да стане „плинар“ се поврзуваше со македонските екипи Вардар и Еурофарм Пелистер.
Десното крило Марио Шоштариќ ја продолжи верноста со унгарскиот шампион ПИК Сегед и потпиша нов тригодишен договор, со кој се обврза да остане до 2025 година. Словенецот во ПИК Сегед игра од 2016 година.
Белорускиот пивот Дмитри Дачук, кој минатата сезона ја одигра во Мешков Брест, се пресели во составот на Машека Могилев со кој ќе игра во СЕХА лигата. 22-годишниот Дачук претходно настапуваше за рускиот Таганрог.
Покрај Шоштариќ и тренерот Пастор, ПИК Сегед се пофали и со нов договор за австрискиот репрезентативец Себастијан Фримел. Левото крило ќе остане во унгарскиот првак најмалку до 2025 година.
Словенечкиот вицепрвак Тримо Требње донесе уште по едно засилување. По левиот бек Милјан Ивановиќ, но член на составот предводен од Урош Зорман е хрватскиот десен бек Крешимир Крешиќ. Тој потекнува од босанскиот тим Чаплина, а во последните четири сезони играше за хрватскиот Сесвете.
Кружниот напаѓач на селекцијата на Зеленортските Острови и Бенфика, Паоло Морено ја продолжи соработката со португалскиот тим на уште три сезони. Морено ќе остане во освојувачот на трофејот во Лигата на Европа до 2025 година.