ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Спортинг го потврди Валчак, Мешков се засили со српски бек, Периќ јуниор во Ѕвезда

  • Поранешниот пивот на Вардар, Патрик Валчак, денеска беше промовиран како нов ракометар на Спортинг Лисабон. Полскиот репрезентативец е второ засилување за португалскиот тим по голманот од Барса, Лео Масиел.
  • Белорускиот шампион Мешков Брест полека го комплетира ростерот за претстојната натпреварувачка сезона. По Андреев и Подшивалов, Мешков се засили и со српскиот лев бек Дарко Стевановиќ, кој доаѓа од катарскиот Ал Араби.
  • Голманот Никола Периќ, син на некогашниот тренер на голмани во Вардар – Дејан Периќ, потпиша тригодишен договор со амбициозниот тим на Црвена Ѕвезда. Тој доаѓа од Динамо Панчево.
  • Средниот бек на репрезентацијата на јужниот сосед, Ламприни Цакалу, се врати во татковината. Таа потпиша договор на две сезони со амбициозниот тим на АЕК Атина, а претходно ги носеше дресовите на Подравка, Крим и Турингер.
  • Босанскиот кружен напаѓач Драган Шолјиќ е нов член на шпанскиот Бенидорм. Таму ќе го замени повредениот Пепе Оливера, кој ќе отсустува подолго време. Шолјиќ минатата сезона играше за Адемар Леон, но не добиваше шанса од Маноло Каденас.
  • Освојувачот на Лигата на Европа, Бенфика, го објави првото засилување за следната сезона. Станува збор за репрезентативецот на Зеленортските Острови, Леандро Семедо, кој доаѓа од Адемар Леон и потпиша договор на две сезони.
  • Финскиот тим Кокс станува француска колонија. По тренерот Кристоф Виене и други тројца ракометари, четврто ново име од Франција е десното крило Оресте Весково кој доаѓа од Селеста.
  • Португалскиот шампион Порто го врати во своите редови 20-годишниот плејмејкер Андре Соуса. Тој во Агуаш Санташ каде што беше позајмен минатата сезона беше најдобар стрелец, па сега Порто го врза до 2026 година.